Полициите на Македонија и на Косово заеднички ќе се справуваат со криминалот

04.12.2017 16:25

Првите луѓе на полициите на Македонија и на Косово потпишаа Протокол за прекугранично гонење. Целта на документитот е да гарантира правда. Двајцата министри ставија потпис и на Договор за депортација на мигрантите и на лицата со нелегален престој во земјите од каде што доаѓаат...

Македонија и Косово ќе спроведуваат заеднички акции за фаќање на криминалците кои на нивните територии ќе се обидат да добијат засолниште откако сториле кривично дело. Првите луѓе на двете полиции го потпишаа Протоколот за прекугранично гонење. Целта на овој документ е да гарантира  правда.

„Не сме разговарале за конкретни случаи, меѓутоа потпишувањето на овој протокол овозможува на територијата на Македонија и Косово, да не може апсолутно никој да бара засолништво. Секој што направил било каков криминал да сноси одговорност за тоа“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Освен овој, министрите потпишаа и договор за депортација на мигрантите и на лицата со нелегален престој во земјите од каде што доаѓаат. На состанокот во МВР, на кој била потврдена добрата соработка меѓу полициите, станало збор и за државните приоритети и соработката на полето на евро и НАТО интеграциите.

„Македонија е понапред во однос на зачленувањето во Европската унија и ни понуди асистенција во овој правец. Констатиравме дека односите меѓу двете земји се одлични. Имаме заеднички приоритети како што е борбата против организирираниот криминал, тероризмот, трговијата со оружје и човечки органи“, изјави Фламур Сефај, министер за внатрешни работи на Република Косово.

На новинарско прашање, дали ќе има меѓународна истрага за кумановскот случај, косовскиот министер појасни дека на оваа тема ќе се разговара на повисоко ниво, односно дека најверојатно ќе следува средба на премиерите на двете земји.

 

Анита Димитријевска