Ќе се формира Западно- балканска мрежа на училишта за деца со посебни потреби

04.12.2017 16:50

Основање на Западно- балканска мрежа за училиштата кои работат со децата со посебни потреби во следниот период е наша заедничка задача, порачаа учесниците на дефилето по битолски „Широк сокак“ насловено „Обои ме во пријател“. Деновиве битолскиот Завод за рехабилитација ќе ја отвори долгоочекуваната сензорска соба.

Од срцето на „Широк сокак“ ги пуштија балоните со различна боја за уште еднаш да порачаат- „колку и да сме шарени сите сме еднакви и заслужуваме подеднкви услови да функционираме“. Од единствената установа од ваков вид во земјава, Заводот за рехабилитација на децата со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во равојот „Кочо Рацин“, велат дека овој ден го одбележуваат за да стават акцент на проблемите со кои овие лица сѐ уште се соочуваат, но и да направат ретроспектива што и самите досега направиле во нивно надминување. Деновиве биолската институција веќе оди чекор напред.

„Во наредните денови ќе ја промовираме новата сензорска соба која и тоа како е битна во рехабилитацијата на нашите деца и е плод на работата од минатите години во кои се трудевме да ги интегрираме и социјализираме во сите сегменти на опшеството“, вели директорката на Заводот за рехабилитација „Кочо Рацин“,Маре Стојменовска Мицевска.

Она што не прави посебни во однос на редовните училишта е што ние нудиме рехабилитација. Имаме осум индивидуални кабинети кои овозможуваат индивидуална работа со нашите седумдесетина штитеници. Со гостите од најстарата српска ваква институција, најавија и меѓународни соработки, што е поздравено и од локалната самоуправа.

„Таа меѓународна соработка ни е многу важна за размена на искуства и методологиите на работа. И можам да кажам дека во најава е основање на една западно- балканска мрежа на заводите и училиштата кои работат на рехебилитација на оваа категорија на деца“, вели директорката на училиштето „11 Мај“ од Јагодина, Драгана Ковачевиќ.

„И како општина ќе придонесуваме, ќе се ангажираме и за поцврсто поврзување на самите институции сѐ со цел поквалитетно да се помага на децата“, вели градоначалничката на Битола, Наташа Пеетровска.

Едногласни се дека само така може да се пружи вистинска подршка на децата за да во иднина не бидат зависни од нечија помош и активно би се вклучиле во опшествената заедница.

Стевче Митревски