Заев во Брисел на средби со Јункер, Тајани, Могерини и Хан

05.12.2017 07:52

На Жан Клод Јункер ова ќе му биде прва средба со македонски премиер. Заев утре ќе разговара со Антонио Тајани, веднаш по молитвениот појадок во Европскиот парламент. Истиот ден Заев ќе има состанок со високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан...

Премиерот Заев во дводневна работна посета на Брисел. Предвидени се средби со претседателите на Европската комисија и на Европскиот парламент. На Жан Клод Јункер ова ќе му биде прва средба со македонски премиер.

Заев утре ќе разговара со Антонио Тајани, веднаш по молитвениот појадок во Европскиот парламент, на кој е поканет и македонскиот премиер. Истиот ден Заев ќе има состанок со високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Од владината прес-служба информираат дека во Брисел премиерот Заев ќе учествува и на дебатата на тема „Македонија и регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Европската унија“, во организација на Центарот за европски политички студии, како и на трибината „Македонија по Шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на фондацијата Фридрих Еберт.

Во владината делегација се и вицепремиерот Османи, министрите Димитров и Сугарески и генералниот секретар на Владата, Рашковски.