Инвестицијата во раниот детски развој повеќекратно се враќа

05.12.2017 14:44

Раниот детски развој е од исклучителна важност за развојот на децата. Влијае на подобар развој на мозокот, бидејќи од 80 до 85 проценти се развиваат во раното детство до пет години, ја зголемува нивната подготвеност за училиште и за животот подоцна. Земјите треба да инвестираат во раниот детски развој, бидејќи тоа повеќекратно се враќа. Ова се дел од ставовите на учесниците на Конференцијата квалитетно образование за раст и развој, успех и подобра иднина.

15-годишни ученици кои посетувале некакви програми за ран детски развој од три до пет години имале подобри резултати од оние кои не посетувале, покажало истражувањето на ПИЗА. Посетување на градинка позитивно влијае врз развојот на мозокот, бидејќи до 85 проценти се развива до петтата година.  

Според податоците, развивањето вештини во раното детство ги воспоставува темелите на учење во натамошниот живот и успехот на пазарот на труд. Анализите покажуваат, стапката на повратот на средствата вложени во ран детски развој е четири до осум долари за инвестиран еден долар. 

Целта за одржлив развој е до 2030 година сите девојчиња и машки да имаат пристап до квалитетен ран дестки развој, грижа и предучилишно образование, за да се подготват за основно образование.

За прв пат во историјата постои глобален и усогласен напор за карактеризирање и зајакнување на системите за ран детски развој и за образование во светот.

 

Наташа Јанчиќ