Индонезија ги отвора вратите за зајакнување на бизнис релациите

05.12.2017 14:46

Индонезија е важен пазар и суровинска база за нашата индустрија. Нуди зајакнување на деловните релации и учество на наши фирми во инфраструктурните проекти тешки милијарда долари. Нивна парламентарна и бизнис делегација на средби со деловната заедница од Македонија...

Индонезија ги отвора вратите, сака да ги зајакне деловните релации со Македонија. Ги охрабрува македонските компании на 250 милионскиот пазар, да учествуваат во изградбата на инфраструктурни проекти за кои државата има на располагање 303 трилиони рупии, милијарда долари.

„Индонезија во моментот работи и вложува многу во развој на својата инфраструктура и веќе има распределено средства во износ од 303 трилиони рупии (една милијарда долари). Би било добро доколку други инвеститори дојдат во земјата и инвестираат, како и доколку бизнисмени од Македонија дојдат во нашата држава“, рече Абдул Малик Харамеин, делегација на Парламентот на Република Индонезија.

Индонезија е респектабилен светски економски играч, дел од групата Г-20 најразвиени земји. Далечината е пречка за поголема трговска размена, но учеството на наши фирми на Трејд Експо саемот ги дава првите резултати- оценува првиот човек на Стопанската комора. Азески очекува да се надминат и проблемите со визниот режим, да се склучат и договори за одбегнување на двојното оданочување што ќе олесни протокот на стоки и услуги.

„Тоа е исклучително важен пазар за нас и силна суровинска база и за дел од нашата индустрија и затоа се потребни почести вакви контакти и соработка на планот на размена на компаниите, учество на саемите. Индонезија е важна земја во економијата која спаѓа во Групата на 20 најразвиени земји и која може да помогне на Република Македонија на планот на инвестициите и наш извоз во оваа далечна земја“, оценува Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Можностите за унапредување на соработката и бизнисот на маса пред парламентарната индонезиска делегација и бизнис заедницата од Македонија. Банкарството, енергетиката, транспортот, рударството, телекомуникациите- во фокусот на интересите.

Сузана Фиданска Стоевска