Три затворски и три куќни притвори за пратениците осомничени за собраниските настани

05.12.2017 16:07

Судија на претходна постапка го прифати барањето на Обвинителството за определување мерка за обезбедување присуство. Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, а куќен притвор добија Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски. Се товарат за делото- терорисичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски завршија во притвор. Со полициски комбиња попладнево беа спроведени во истражниот затвор.  На нивните сопартијци и колеги Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски им е определен куќен притвор. Ваква одлука донесе судијата на претходна постапка, кој одлучуваше по барањето на Јавното обвинителство. Собраниската шесторка претпладне дојде на сослушување, откако од Кривичниот суд информираа дека го добиле известувањето од Собранието и одлуката на шестемина пратеници да им е одземен имунитетот.

Пред да биде сослушан, пратеникот Крсто Мукоски изјави дека верува во судот и наведе дека не постои правна основа за да му биде определен притвор.

На распит во скопска единица, прв дојде пратеникот Јохан Тарчуловски, а по него и неговата колешка Жаклина Пешевска заедно со останатите - Крсто Муковски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Љупчо Димовски.

Обвинителството отвори истрага за 36 лица, меѓу кои се и пратениците, за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. 

 

Андријана Атанасовска