Шекеринска: Интеграцијата во НАТО- врвен приоритет

06.12.2017 12:04

Само со интеграција на земјите-аспиранти во НАТО, регионот на Западниот Балкан и Балканот во целина ќе биде мирен, безбеден и просперитетен, смета министерката за одбрана...

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на средбата со парламентарниот државен секретар во германското министерство за одбрана, Ралф Брауксипе посочила дека интеграцијата на Македонија во НАТО, е во врвот на приоритетите на Владата, соопштуваат од ресорот одбрана.

Членството на Македонија во Алијансата ќе покаже дека политиката на отворени врати на НАТО е жива и дека дава резултати. Само со интеграција на земјите-аспиранти во НАТО, регионот на Западниот Балкан и Балканот во целина ќе биде мирен, безбеден и просперитетен, рече министерката.

Шекеринска истакна дека демократијата, владеењето на правото, слободата на медиумите и целосната транспарентност кон граѓаните се столбовите на кои треба да се развива секоја современа држава и додаде дека Република Македонија е посветена овие вредности да бидат реалност за сите нејзини граѓани.

Во Берлин денеска Шекеринска ќе се сретне и со Михаел Рот, државен министер за европски работи во Министерството за надворешни работи на Германија.