Пунктот за бездомници во Момин Поток ќе работи деноноќно, најавени три нови регионални центри

06.12.2017 12:31

Дополнително се отвораат три нови регионални пункта во Струмица, Струга и Битола. Во Скопје ангажирани ќе бидат 40 волонтери, социјални служби кои ќе патролираат во ноќните часови и медицински персонал за лицата кои имаат потреба од здравствена заштита.

Пункотот за бездомници во Момин Поток ќе работи деноноќно, за да може во зимскиот период да им се обезбеди престој, топли напитоци и здравствена заштита на бездомните лица. Дополнително се отвораат три нови регионални пункта во Струмица, Струга и Битола.

Согласно најавите за пониски температури се реорганизираме со цел бездомните лица кои се на територија на Градот Скопје комплетно да бидат згрижени и да ги добијат сите услуги. Пунктот ќе работи деноноќно во наредните три месеци, рече Сузана Тунева- Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје.

На територија на Скопје ангажирани ќе бидат 40 волонтери, социјални служби кои ќе патролираат  во ноќните часови и медицински персонал за лицата кои имаат потреба од здравствена заштита.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов истакна дека Градот за наредната година за триесет проценти ќе ја зголеми поддршката за функционирање на овој пункт.

Градот Скопје досега издвојуваше 500 илјади денари за поддршка на овој пункт. Ја зголемивме оваа сума за околу 30 проценти и во буџетот за наредната година предвидовме таа поддршка да изнесува повеќе од 700 илјади денари, рече Шилегов.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска при посетата на пунктот истакна дека годинава Македонија подготвено ја пречекува зимата со отворање и на три дополнителни пунктови кои ќе работат како регионални центри, а се наоѓаат во Струмица, Струга и Битола.