Кривичен суд

Одложено рочиштето за случајот „Траекторија“

06.12.2017 13:50

Се одложи стартот на судењето за случајот „Траекторија“. Одбраната побара судот да создаде услови за аудио- визуелно снимање на главната расправа. Во овој случај обвинети се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, екс-министерот Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Се товарат дека ги пречекориле овластувањата при изборот на компанија за изградба на два автопата...

Ние сме обвинети за нешто што во минатото го правела Владата на СДСМ, изјави поранешниот премиер Никола Груевски, откако се одложи стартот на судењето за случајот „Траекторија“ за изградбата на двата автопата. Направи споредба со изградбата на хидроцентралата Козјак и наведе дека на ист начин и во иста постапка тогашната Влада земала кредит од Кина и ја исфинансирала изградбата, а потоа направила и анекс на договорот кој бил одобрен од Собранието.

Партиската четворка- Груевски, Јанакиески, Пешевски и Георгиевски се обвинети дека во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип ги пречекориле овластувањата, со што го оштетиле Буџетот за повеќе од 155 милиони евра. Нивниот бранител побара од судот за наредното рочиште да обезбеди услови за аудио и визуелно снимање на главната расправа.

Прашан како го коментира притворот на пратениците, партискиот лидер Груевски изјави дека тоа е преседан и нешто што го нема во демократските држави. Во моментот 5% од сите пратеници се во домашен или во ефективен притвор, а тоа се 12 проценти од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, изјави Груевски.

Анита Димитријевска