Пункотот за бездомници во Момин Поток ќе работи 24 часа

06.12.2017 14:06

Пункотот за бездомници во Момин Поток ќе работи деноноќно, за да може во зимскиот период да им се обезбеди престој, топли напитоци и здравствена заштита на бездомните лица. Дополнително се отвораат три нови регионални пункта во Струмица, Струга и во Битола...

Црвениот крст подготвен за зимата. Пунктот во Момин Поток ќе работи 24 часа во наредните три месеци за да може да им се обезбедат, престој, топли оброци и здравствена заштита на бездомните лица. Ангажирани се 40 волонтери, ќе има и патролни социјални служби во ноќните часови.

„Ќе се дистрибуираат и дополнителни вреќи за спиење, ќебиња и во текот на престојот тука ќе имаат можност да добијат чај, топли напитоци, супа, храна. Во пунктот бездомниците добиваат чиста облека, ја одржуваат хигиената, добиваат медицинска заштита и секако престој за сите оние кои се во тешка здравствена состојба или се хоспитализирани, тука можат да престојуваат од 7 до 10 дена по хоспитализацијата во овој простор“, изјави Сузана Тунева- Пауновска, сектретар на Црвениот Крст во Град Скопје.

Град Скопје за 30 проценти ја зголемува финансиската поддршка за функционирање на пунктот.

„Досега градот Скопје издвојуваше 500 илјади денари годишно за поддршка на овој пункт, ја зголемивме оваа сума за околу 30 проценти и во буџетот за наредната година предвидовме таа поддршка да изнесува повеќе од 700 илјади денари“, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, рече дека годинава Македонија подготвена ја дочекува зимата. Отворени три дополнителни пункта во Струмица, Струга и во Битола.

„Сите се опремени со храна, облека и кревети и можност за топол оброк за сите бездомни лица кои ќе дојдат во зимскиот период и тие ќе работат 24 часа. Важно е да се каже и дека Центрите за социјална работа се подготвени за директна соработка со Црвениот Крст за да може да се превенира смрзнување на лица на улица и државата конечно да си ја земе одговорноста во свои раце“, рече министерката Царовска.

Изминатата зима услугите на пунктот ги користеле 54-ца, но надлежните велат дека годинава е зголемен капацитетот и во Момин Поток ќе може да се прифатат од 90 до 120 бездомни лица.

 

Андријана Атанасовска