Шефови на обвинителствата по изборот на државниот обвинител

06.12.2017 14:48

Шефовите на основните и вишите јавни обивнители ќе се знаат откако ќе биде избран државниот јавен обвинител. Денеска, Советот на јавни обвинители избра и повеќе јавни обвинители со што се доекипираа неколку Основни јавни обвинителства...

Шефовите на основните и вишите јавни обвинителства ќе се знаат по изборот на државниот јавен обвинител. Оваа одлука ја донесе Советот на јавни обвинители на седницата на која требаше да се избираат обвинители, согласно објавениот оглас во јуни годинава.

Тие едногласно утврдиле дека треба да остават простор, државниот обвинител за шефовските позиции да предложи кандидати, бидејќи тој ќе ја сноси сета одговорност, вели претседателот на Советот, Коле Штериев.

На седницата на Советот беа избрани за в.д. Јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција Гордана Смаќоска, како и во Основните јавни обвинителства во Скопје, Куманово, Гостивар и во Битола.

За јавен обвинител во јавното обвинителство, советот го избра Исмаил Дардишта. Мери Тромбева е избрана за Вишото јавно обвинителство во Битола, а Биљана Стевчева за обвинителството во Радовиш, како и Иханефи Амети за обвинителството во Тетово.

Седум јавни обвинители за гонење на организиран криминал и корупција ќе се бираат заедно со сите други после два месеци, посочи Штериев.

 

Фиљана Кока