Посилна интеграција

07.12.2017 15:17

Македонија сака да учествува во сите регионални проекти и може да биде транспортен центар на Балканот зашто преку неа минуваат два важни коридора, 8 и 10, потенцира премиерот Заев...

Македонија може да биде транспортен центар на Балканот зашто преку неа минуваат два важни коридора, 8 и 10, истакна премиерот, Зоран Заев на меѓународната конференција „Посилна регионална интеграција на Балканот“, што се одржува во Софија. Заев додаде дека коридорите преставуваат клучна алка која го поврзуваат Балканот со Европа.

„Мораме да се здружиме и да бидеме што повеќе конкурентни. Намесно да си конкурираме меѓу себе, можеме заедно да настапиме на пазарите. Сето тоа ни е овозможено со поддршката на нашите пријатели од финансиските институции кои што се овде“, нагласи премиерот Заев.

И за бугарскиот премиер Бојко Борисов, коридорите се од огромно значење. Европа си има доволно проблеми со Брегзит и не и се потребни нови. Ние треба да настапиме пред Брисел со добри инфраструктурни проекти, со коридорите 8 и 10 и со проекти за дигитална инфраструктура, изјави Борисов.

Српската премиерка Брнабиќ, пак, е со став дека Белград е насочен кон соработка со земјите во регионот. Нагласи дека Србија ќе биде активен и силен партнер во сите инфраструктурни проекти во Западен Балкан.

„На Балканот сите треба да сме како прстите на рацете. Секој прст е важен. Без разлика кој колку е голем, треба да сме заедно. Тогаш и комесарот Хан и Европската унија и европските голеги ќе кажат овие луѓе се со разум. Историјата си е историја, има кој да ја коментира. Од војните никој не видел ништо убаво“, рече бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

„Треба да докажеме, дека земјите од Балканот можат да работат на многу поразличен начин отколку во минатото. Бојко Борисов има лично голем придонес во изградбата на тој поразличен имиџ на Балканот. Ние ќе работиме засилено, за да го одржиме темпото на дијалогот за Западен Балкан, како што се меѓурегионалните проекти и комуникациите“, рече премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

Сепак, и покрај заложбите на земјите од Западен Балкан, проекциите на Светската банка не се розеви. Според анализите, со моменталната стапка на економски раст на регионот ќе му требаат 6 децении да го достигне нивото на Европската унија. Евентуалниот поголем раст од 5 проценти може може да го намали тој период на 20 години.

Светска банка, како што наведе, ќе се фокусира посериозно на транспортниот и на ИТ- секторот во регионот. Банката ќе издвои 150 милиони долари за проекти за развој на трговијата и транспортот на Балканот.

Миле Ристески