И лицата со инвалидитет можат да бидат ефективни на работа

07.12.2017 16:49

Лицата со хендикеп имаат проблем при вклучувањето на пазарот на труд. Здруженијата како главен предизвик ја посочија потребата да се промени начинот на размислување при нивното работно ангажирање. Надлежните најави дека и во иднина ќе им даваат финансиска поддршка преку активните мерки...

И тие сакаат попусти и акции, да пазаруваат, да се социјализираат. Но, проблемите им продолжуваат во истиот момент кога несовесните ги попречуваат, ги узурпираат и малкуте одбележани места на кои тие можат да паркираат. И глобите од 180 евра се малку наспроти некултурата на овие возачи, кои и со кола би се сместиле во кафеана, продавница или институција.

„Ми се случуваат непријатни, па дури и конфликтни ситуации со луѓе кои немаат разбирање. Сум добивал и навреди, сум бил спречен да влезам во своето возило зашто некој друг не оставил доволно простор за тоа, а често се соочувам и со блокирани влезови и слично, па сум принуден да чекам или да се снаоѓам на друг начин“, рече Вангел Тркаљанов, советник во кабинетот на Министерство за труд и социјална политика.

„Некултурата не е инвалидитет“- под ова мото ќе се работи на подигање на јавната свест

Непристапни згради, инстутуции, тротоари. Лицата со инвалидитет се соочуваат со низа пречки, но не смеат да бидат маргинализрани и дискриминирани, работодавачите да не ја потценуваат нивната работна способност. Итно да се промени системот на проценка бара „Полио Плус“.

„Се надевам дека дадовме насока како да се смени размислувањето при работно ангажирање на овие лица. Најчесто се меша здравствената способност или состојба со работната способност. Многу често при проценките колку тоа лице може да придонесе при работа се размислува од аспект на тоа што лицето не може наместо што лицето може да придонесе“, рече претседателот на „Полио Плус“- Движење против хендикеп, Звонко Шаврески.

Држават дава грантови за набавка на опрема и репроматеријали за субвенции за подршка, но и ветува активни мерки и политики за вработување и намалување на невработенсота кај оваа категорија граѓани.

„Заедно ќе работиме на креирање активни мерки и политики за вработување за намалување на бројот на невработени на оваа категорија граѓани и зголемување на нивната вработливост“, вели Билјана Јовановска од АВРМ.

Промената на размислувањето, повиското ниво на совест- проценка низ призмата „Што можат, а не што не можат“, само ова можат овие лица, само ова може да ги подобри состојбите на пазарот на труд за овие лица- со физичка попреченост, но со капацитет да дадат придонес, да бидат работно ангажирани.

Сузана Фиданска Стоевска