Недела на археологијата

11.12.2017 10:52

Вторник ќе биде отворен ден на музејот, со бесплатен влез за посетителите и можност да разговараат директно со кустосите археолози за сите теми поврзани со археологијата и музеологијата, како се пронаоѓаат предметите и што се случува додека тие станат експонати изложени во музејската поставка.

Археолошки музеј на Македонија од денеска до 15-ти овој месец со повеќе активности ќе ја одбележи Неделата на архологијата. Во рамки на активностите денеска ученици од училиштето „11 Октомври“ од Скопје, ќе бидат вклучени во изработка на плакати за изложбата „Некогаш и сега“, а најдобриот од предлозите ќе биде прогласен за официјален плакат на оваа изложба.

Вторник ќе биде отворен ден на музејот, со бесплатен влез за посетителите и можност да разговараат директно со кустосите археолози за сите теми поврзани со археологијата и музеологијата, како се пронаоѓаат предметите и што се случува додека тие станат  експонати изложени  во музејската поставка.

Меѓународна археолошка конференција  „Неолитот во Македонија 3“, ќе се одржи в среда во организација на Здружението на граѓани „Центар за истражување на праисторијата“,од Скопје. На конференцијата, домашни и странски археолози ќе ги претстават најновите резултати од истражувањата на неолитот на Балканот.     

Во четврток Музејот организира посебно осмислена програма за деца со оштетен вид дополнета со тактилна изложба насловена „Некогаш и сега“ во која одбрани музејските артефакти од минатото се изложени заедно со предметите од ист вид од нашето секојдневие.

Последниот ден, на 15 декември, преку серија презентации, јавноста ќе има можност да се запознае со истражувачките проекти и изложби на Археолошкиот музеј реализирани оваа година, како и за учеството на кустосите на меѓународните научни конференции на кои ја претставуваат Република Македонија пред светската стручна и научна јавност.

Содржините на „Недела на археологија 4“ се збогатени со проекции на документарни филмови за археологијата и настап на хорот „Артизан“ со музика од минатите времиња.