Трескавец се обновува според плановите

15.12.2017 10:12

Обновата на опожарените конаци на Трескавец се одвива според планираното, иако може да траат уште повеќе од една година, велат и изведувачите и од прилепскиот Завод и музеј, автори на проектот. Времето одговара да се работи на покривањето на конаците. Во меѓувреме превентивно е заштитена црквата, но сѐ уште не е готов проектот за внатрешната конзервација...

Конаците на манастирот Трескавец за околу една година треба да блеснат во сиот свој сјај. Речиси пет години по катастрофалниот пожар, работите, велат изведувачите, се одвиваат според плановите. Веќе се поставува покривот.

„Во моментов ги завршуваме работите на покривот на конаците со камен. Се вградува дограмата. Работиме според плановите дури и повеќе“, изјави Ивица Коциќ, изведувач „Кото“.

Трескавец се обновува автентично, според најстарите фотографии, со пари од државниот буџет. Од Прилепскиот музеј нагласуваат - во проектите е вклучена комплетната заштита на манастирот кој три пати во седумвековната историја настрадал од пожари.

Паралелно се заштитува црквата „Успение на пресвета Богородица“ која е на листата на културните богатства во опасност. Превентивно, надворешно е заштитена, а допрва треба да се прави проектот за внатрешната реставрација и конзервација.

Трескавец е речиси на сите светски мапи. Не стивнува интересот за комплекст ниту кај духовните приврзаници, ниту кај туристите од цел свет. Нуди духовно спокојство и чува непроценливо културно богатство.

 

Елизабета Митреска