Се зголемува конкуренцијата на пазарот на електрична енергија

20.02.2014 15:38

На постојните две компании кои веќе поседуваат лиценца за снабдување со електрична енергија, Енерџи деливери солушнс и Ген-И, им се придружи и трета, ЕВН-Снабдување...

222 македонски компании од први април ќе се снабдуваат со струја на слободниот  пазар, кога и официјално стартува либерализацијата на пазарот на електрична енергија во земјава. 

На постојните две компании кои веќе поседуваат лиценца за снабдување, им се придружи и трета, ЕВН-Снабдување, која неодамна доби виза од Регулаторната комисија за енергетика да влезе во новиот бизнис. 

Зад неа стои австриската групација ЕВН, која е присутна во 21 земја и опслужува повеќе од 14 милиони корисници. Во земјава досега инвестирала 217 милиони евра во модернизација и проширување на дистрибутивната мрежа. Фер цената и сигурното снабдување ќе бидат пресудни при изборот на компанијата преку која ќе се купува електричната енергија. 
 
„Во однос на цената, на слободен пазар ќе се формира цената на енергијата, додека надоместоците за мрежарина остануваат регулирани и нив ќе ги одредува Регулаторната комисија за енергетика. Намерата на ЕВН-Снабдување е да има најконкурентна понуда. Ние настапуваме транспарентно и искрено“, вели директорот на ЕВН-Снабдување, Нико Берберу.

Искуството од другите пазари на групацијата ЕВН покажува дека за успех на слободниот пазар најважни се јасни правила на игра и исполнување на одредени предуслови.

„Компанијата вработува 2.000 лица во земјава и во своето работење вклучува околу 5.000 домашни фирми“, истакна претседателот на Управниот одбор на ЕВН-Македонија, Вернер Хенгст.
 
Освен ЕВН-Снабдување, лиценци за бизнис во оваа област имаат и Енерџи деливери солушнс и Ген-И
 
Квалификувани потрошувачи се компаниите кои имаат годишен обрт поголем од 10 милиони евра и вработуваат повеќе од 50 лица. Тие треба најдоцна до крајот на месецов да изберат снабдувач и да склучат договор за набавка на струја за наредните 12 месеци.
 
 
 
Ана Јосифоска