Чие копче е помоќно?

03.01.2018 15:58

Фалби меѓу американскиот и севернокорејскиот претседател чие нуклерано копче е помоќно. Трамп одговори на заканите на Ким Јонг Ун дека го имал „нуклеарното копче“ на неговата работна маса...

САД имаат многу поголемо и помоќно нуклеарно вооружување и тоа функционира. Американскиот претседател со провокативна порака на „Твитер“ му одговори на лидерот на Северна Кореја, кој рече дека копчето за лансирање на нуклеарна бомба е на неговата маса во секое време.

„Дали би сакал некој од неговиот сиромашен и изгладнет режим да го информира дека и јас имам копче за нуклеарно вооружување, многу поголемо и помоќно од неговото, и моето копче функционира“, напиша Трамп на „Твитер“.

Ким Јонг Ун ги предупреди САД дека нуклеарните сили на Северна Кореја сега се комплетирани, додавајќи дека тоа не е закана, туку реалност. Се закани дека САД се на дострел на севернокорејското нуклеарно оружје, нагласувајќи дека Америка никогаш не би можела да почне војна против Северна Кореја.

Аналитичарите сметаат дека иако за сега нема реакција од Пјонгјанг, режимот на Ким Јонг- Ун со воодушевување ќе ја дочека ваквата реакција на Трамп, бидејќи со таквите пораки тој го третира севернокорејскиот лидер рамен на себе, што претставува своевидна победа.

Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли пак се закани со нови санкции за Пјонгјанг, доколку земјата изврши уште една ракетна проба. САД веќе издејствуваа заострување на санкциите кон Северна Кореја, откако нејзината армија изврши неколку ракетни проби во 2017-та година при што лансираше ракети кон јапонија. Вашингтон изврши притисок и врз Кина, обвинувајќи ја дека ги крши санкциите кон Северна Кореја и тајно и доставува нафта.

Во меѓувреме, севернокорејскиот лидер Ким Јонг- Ун издаде наредба одамна затворената „жешка линија“ со Јужна Кореја повторно да биде воспоставена. Каналот за комуникација е за да се воспостави официјален дијалог за испраќање на севернокорејска делегација на Зимските олимписки игри, кои следниот месец ќе се одржат во Сеул.

„Со ова ќе оствариме близок контакт со Јужна Кореја. Ќе разговараме за прашања поврзани со испраќање делегација на Зимските олимписки игри“- рече Сон Гвон, претседавач на Комитетот за мирно обединување на Кореја.

Претставник на претседателот во Сеул овој потег го оцени како значаен напредок. 

 

Марина Ристова