Што нѐ прави среќни?!

03.01.2018 12:52

Според индексот на среќа, Македонија е најлошо рангирана земја во регионот, но најдобра според условите за водење бизнис. Глобалниот барометар на „Брима Галуп“ покажува дека македонските граѓани за 2018-та се пооптимистички расположени и посреќни од граѓаните на 55 земји во светот...

„Среќата со пари не се купува...“- овој рефрен е вековна реалност која опстојува, само кој како го прифаќа. Колку ни е доволно? Многумина велат малку. Семејство, софра и пријатели. Сепак апетитите кај некои се многу поголеми, од дворец до боинг. Ги цениме ли малите работи, за кои скромните од нас велат дека не прават среќни.

„Спорт, планинарењето најмногу.“

„Да ги направиш луѓето среќни, а со тоа и самиот си среќен.“

„Тоа што ме прави да бидам среќна се моите најблиски, дружбата со пријателите.“

„Сите да се здрави и живи, тоа ме прави среќна...“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Во светот скандинавците се најсреќни, но зарем ние заостануваме зад нив. Добро друштво, квалитетна капка се доволни да не направат среќни, бидејќи ако имаме за седнување значи можеме да си дозволиме луксуз. Иако, велат дека среќата создава завист, никогаш не ни е доста од неа и секогаш копнееме по неа.

Има многу истражувања за да се утврди што ги прави луѓето среќни. Некои велат дека таа зависи од местото на живеење и парите. Психолозите заклучија дека таа не подразбира моментална екстаза, туку исполнетост и задоволство кое се чувствува подолго време.

Нобеловецот Иво Андриќ вели- чудно е тоа колку малку е потребно да бидеме среќни и уште почудно е колку баш тоа малку ни недостасува.

Среќа, не може да ја допреме, но може да ја чувствуваме. Тоа е нешто што нѐ прави убави. Можеби најпотребното за среќа е чистата љубов и чесноста. Не е секоја насмевка среќа, како што не е секоја солза тага, а секој што е среќен е убав. Од нас зависи колку сме свесни за среќата околу нас.

Глобалниот барометар на „Брима Галуп“ покажува дека македонските граѓани за 2018-та се пооптимистички расположени и посреќни од граѓаните на 55 земји во светот.

 

Наташа Гркова- Петрушевска