Зависност од технологијата

03.01.2018 15:18

Децата се зависни од модерната технологија. Психотерапевтите предупредуваат за здрав раст и развој потребно е користењето на модерната технологија да се сведе на минимум...

Подобро се снаоѓаат во виртуелниот отколку во реалниот свет. Поголем дел од времето децата го минуваат пред телевизор, компјутер или паметен телефон. Не се доволно физички активни, а тоа влијае врз нивниот правилен развој. Стануваат ли новите генерации жртви на напредокот на технологијатa?

Нетрпеливост, недоволна социјализираност, вознемиреност, агресивност. Само поради тоа што не може во саканиот момент да игра на телефонот или компјутерот. Последиците од прекумерното користење на современата технологија веќе се забележуваат кај децата. Во надминувањето на ваквиот проблем родителите сѐ почесто бараат совет од психотерапевтите.

„Апсолутно сум за тоа да се воспостават правила, па дури на почетокот во првата или втората недела тие правила да предизвикуваат и бунтовништво револот кај детето. Подобро да се постават отколку да се остави отворен простор да тоа прави што сака. Треба да се зачува човечното во нас, емоциите кои нема да ги научиме и нема да ги искусиме преку таквиот начин на комуникација и сѐ повеќе ќе страда социјализацијата меѓу децата“, смета Деспина Стојановска, психотерапевт.

Но, стручните лица вината за прекумерното користење на современата технологија ја посочуваат и кај родителите. Велат, во голем број случаи едноставно им одговара тоа, за да имаат повеќе време за себе.

„Ако сега си купуваат време со тоа што детето седи мирно со телефонот, во иднина со тоа дете ќе имаат многу работа, многу повеќе ќе бидат ангажирани и многу помалку ќе имаат време за себе. Бидејќи, на тој начин децата не се учат на вистинските вредности, туку вниманието им го обзема нешто што ги води во некоја погрешна насока, на која тие не се научени и не им е својствено да ја живеат“, вели психотерапевтот Стојановска.

Модерната технологија е неизбежна, но кај децата e неопходно да се сведе на минимум, играњето со телефон или таблет никако не смее да биде повеќе од час и половина во текот на еден ден. Потребно е да се приспособиме на потребите на децата и на новото време, додава психотерапевтот Стојановска, но не треба да ги заборавиме меѓучовечките односи, важно е децата ја почувствуваат среќата за која што не е потребно ништо повеќе од искрена прегратка и корисен разговор.

 

Андријана Атанасовска