Сончеви колектори во битолските градинки

20.02.2014 19:26

Општина Битола денеска го претстави проектот „Примена на обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност со примена на сончеви термални колектори“, локална инвестиција која беше реализирана во двете централни градинки, ЈОУДГ „Мајски Цвет“ и ЈОУДГ „Естреа Овадија Мара“.

Со овој проект, заменет е стариот и финансиски нееконимичен начин на загревање на водата со нов, економски и еколошки корисен, информираа од општина Битола.

- Вкупната вредност на инвестицијата во двете градинки изнесува над 2,6 милиони денари, а вградени се 18 сончеви колектори, прохромски бојлери, и термостатски вентили за регулација на температурата на водата. Заштедата на енергија зависно од времето може да достигне до 12.000 Kwh/годишно, односно искажано во финансиски средства може да се заштедат и до 100 илјади денари на годишно ниво за секоја детска градинка одделно, истакна градоначалникот на општина Битола Владимир Талески.

Поголем дел од инсталираната опрема е од македонско производство, а во наредниот период ќе бидат извршени истражувања со цел продолжување на овој проект во основните училишта во градот, но и во други објекти од надлежност на локалната самоуправа бидејќи во Битола статистички е голем бројот на сончеви денови, беше потврдено на денешниот промотивен настан во овој град.