Изгласани измени на повеќе закони

20.02.2014 19:53

Републичкото Собрание на попладневното продолжение на 85. седница изгласа измени и дополнувања на неколку закони, а за дел од предложените закони ја заврши расправата, но за нив ќе гласа дополнително.

Пратениците го изгласаа Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште.Заради  воведување обврска со која ќе се задолжи  закупецот  на земјоделско земјиште по истекот на секои пет година непрекинато одгледување пченица да изврши засејување друга едногодишна земјоделска култура заради одржување плодоред со законот се дополни член 31, со кој се уредува содржината на договорот за закуп.  Со законското решение се овозможува земјоделско земјиште во државна сопственост да се дава под закуп за одгледување  брзорастечки дрва кое се наоѓа на надморска височина над 700 метри, за период до 30 години.

Во тек на расправата независната пратеничка Ленче Николовска ги критикуваше законските измени, наведувајќи дека се сомнева „во намерата на Владата за подобрување на плодноста на почвата“, поради, според неа, односот кон земјоделството и  начинот и времето на исплаќање субвенции. Неприфатливо е, наведе Николовска, „субвенциите да се исплаќаат само пред избори“.

Тврдењата на Николовска министерот за земјоделство Љупчо Димоски ги оцени како неиздржани. Исплатата на субвенциите се реализира со утврдената динамика, а и праксата во ЕУ е  да се исплаќаат субвенции двапати во годината, наведе Димоски, додавајќи дека за активностите на македонската Влада во земјоделството има признанија и од други држави.

Димоски се осврна на резултатите од владините политики во земјоделството, посочувајќи на податокот дека за 92 проценти е зголемен извозот на вино споредено со просекот во 2006 година.

За состојбите во земјоделството во реплика на опозициските пратеници говореше пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Извозот на земјоделски производи  во 2006 година, посочи, изнесувал 242 милиони евра, а лани 500 милиони евра. - Тоа значи дека за шест години извозот е зголемен двојно повеќе, наведе Димоски.

Пратениците ги изгласаа и Законот за изменување и дополнување на Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина, во второ читање.Со законот се дополнува постоечката одредба за годишната програма за обука на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите и донесувањето  Годишен план за едукација на избраните лекари во Република Македонија. Со тоа  треба да се постигне подигнување на нивото на знаењето на докторите на медицина и избраните лекари.

Пратеникот од СДСМ Менде Динески реагираше на неприфаќањето на амандманот во комисиската расправа со кој СДСМ побара измена на член 4. Се бара избраните лекари  да не подлежат  на проверка на знаење, како и да се изземат казните за тие што во првата година нема да одат на обуки.

- Со казните покажувате дека не ви е целта да ја зголемите едукацијата туку колку што можете да раскинете повеќе договори склучени со Фондот за здравство, наведе Динески.

Поддршка од мнозинството пратеници на седницата добиja и законите за електронски комуникации и за здравствена заштита, како и измените на Законот за надворешни работи.

Собранието ќе ја продолжи седницата утре во 11 часот