Дипломатија

Разговори за името: Нимиц да стави рамка за суштински напредок

12.01.2018 10:45

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на средба со грчкиот колега Никос Коѕијас. Средбата се одржа во Солун, далеку од очите на јавноста. Министрите се сложиле да имаат подиректна улога во разговорите. Очекуваат Нимиц на маса да стави рамка за суштински напредок во процесот за надминување на разликата за името...

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас средбата ја одржале во Солун- потврдија министерствата за надворешни работи на двете земји. Изразиле очекување дека на новата рунда разговори на 17-ти јануари во Њујорк, медијаторот Метју Нимиц ќе стави на маса рамка со која ќе се направи суштински напредок во надминувањето на разликата околу името.

„Министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас разговараа за методологијата, за пристапот на двете страни, како и за рамката на процесот за надминување на разликата околу името, и се сложија да имаат подиректна улога во разговорите со цел надминување на разликата околу името“ – се вели во дописот по одржаната средба. 

Средбата во Солун е во рамки на воспоставениот дијалог и консултации меѓу двете земји, насочени кон зајакнување на транспарентноста и меѓусебната доверба. Било разговорано и за билатерлните односи и за соработката во поширок контекст преку мерките за градење доверба, како и за новите средби на високо политичко ниво меѓу двете земји.

Кога точно се одржа средбата остана тајна. Во меѓувреме, во Скопје се одржа вториот состанок на Европската служба за надворешни работи со политичките директори на земјите од Западен Балкан, на кој се разговараше за европската перспектива на шесте земји, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и актуелната ситуација во регионот.

 

Наташа Гркова- Петрушевска