Битола

Меѓународни успеси на членовите на Детското ликовно студио

12.01.2018 11:00

Над 40 медали, награди и признанија стигнаа на адрестата на Детското ликовно студио за учеството на минатогодишните меѓународни конкурси. Престижните признанија синоќа им ги врачија министерот за култура и градоначалничката на Битола...

Битолската детска ликовна магија и понатаму ја игра главна улуга во детскиот ликовен свет. На адресата на „Малиот Монмартр“ пристигнаа над 40 медали и друг вид на признанија за минатогодишните настапи на меѓународните конкурси ширум светот.

„Чувството е прекрасно кога си член на ова студио, а уште поубаво е кога ќе знаеш дека твојот цртеж ќе патува низ светот и ќе освојува награди“, вели една од наградените.

„Убава е наградата, но она што ме прави погорда е тоа што продолжуваме да го афирмираме нашиот град, нашата земја“, вели една од наградените која има веќе десетгодишен стаж во студиото.

Ова е манифестација со која и ние растевме, но и преку која генерации деца твореа дела создавајќи го брендот по кој сме препознатливи во светот. Тоа е проектот кој насочува како на најдобар начин да ја негуваме уметничката едукација на најмладите, рекоа министерот Алазоѓовски и градоначалничката на Битола, при врачувањето на наградите.

„Оваа манифестација мора да продолжи да живее, а ние како Министерство за култура не само што ќе ја поддржуваме, туку имаме воља да ја развиваме согласно со визијата на нејзиниот основач“, вели министерот Роберт Алаѓозовски.

„Ова е храм каде што уметноста се сплотила со младоста и со себе носи прекрасни вредности“, вели градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

Почетокот со работата на студиото се поклопува со годината на раѓањето на Тоше Проески. И годинава ќе оддадат достојна почит на денот на неговиот роденнден.

„На 25-ти месецов сите заедно одиме во Крушево на неговото вечно почивалиште и да се потсетиме на неговите дела“, вели раководителот на студиото Коста Хаџиантоновски.

Велат дека тој ден вечно ќе го посветуваат на миленикот со нивната позната теза „Тоше има само ден на раѓање“.

Стевче Митревски