Охрид: Привршуваат подготовките за одбележување на Водици

12.01.2018 15:26

Охрид ги врши последните подготовки во пресрет на големиот верски празник Богојавление- Водици. И оваа година се очекува на своевидниот спектакл на вода, кога стотици млади лица ќе запливаат по светиот крст да присуствуваат повеќе илјади верници од земјата и странство...

Охриѓани ги прават последните подготовки за уште едно спектакуларно одбележување на верскиот празник Богојавление-Водици. На највпечатливиот црковно-народен собир на Балканот се очекува да присуствуваат илјадници верници од земјата и странство, а дел од хотелиерите и угостителите со цел нивниот број да биде што поголем ќе ги намалат услугите до 30 проценти. За разлика од минатото годинава црковниот церемонијал на фрлањето на светиот крст во езерото ќе биде исклучиво во духот на православието.

„Како и секоја година традиционално богослужбите започнуваат во 7 часот, утринските богослужби, во 8:30 започнува литургијата, а во 9:45 тргнуваат литиите од сите цркви во кои ќе се богослужи кон градското пристаниште каде што во 10 часот ќе се изврши голем богојавленски водосвет“, изјави Илија Ристески- претставник на МПЦ.

Во текот на самото празнување на црковниот празник одиме на едно мирно и достоинствено празнување на празникот, без преголеми свечености кои би се одвивале. Значи едно чисто граѓанско расположение во текот на денот, а во вечерните часови на плоштадот продолжуваме со концертите кои што ги извршувавме и во текот на новогодишните и божиќните празници“, изјави Јован Стојаноскиградоначалник на Охрид.

Во организацијата се вклучени Црвениот Крст и Нуркачкиот клуб „Амфора“, кои ќе се грижат за безбедноста на капачите, а општината ќе го уреди целиот простор.

Подготовките се во полн ек, во техничкиот дел од украсување на светилникот, канделабрите и целиот простор каде што се одржува манифестацијата. Расчистување на просторот, на езерото од отпадот кој што во меѓувреме е создаден“, изјави Љупчо Грданоски- коодинативно тело за организација на Водици.

По традиција на плажата Сараиште ќе биде извршено групно крштевање, што предизвикува голем интерес кај странските туристи.

Сашо Нелоски