Косово на Србија ќе ѝ ги достави информациите за убиството на Ивановиќ

22.01.2018 17:08

Косово на Србија ќе ѝ ги достави информациите за убиството на Оливер Ивановиќ. Подготвеност и за координирана истрага.

И додека Србија денеска ја очекуваше прес- конференцијата на косовското обвинителство со детали од истрагата за убиството на лидерот на косовските срби, Оливер Ивановиќ, на изненадување на сите во Србија од Министерството за правда дојде соопштение во кое јавноста се информира дека косовското Министерство за првада преку Еулекс доставило одговор до Србија.

Во него се наведува дека Обвинителството во Косовска Митровица изразува подготвеност да на соодветните органи на Србија им ги предаде сите материјали со кои ќе располага, за да на координиран начин се спроведе истрага за убиството, со цел на брзо откривање на сторителите на ова кривично дело.

Исто така, во одговорот од Косово се наведува дека извештајот од местото на убиството, како и останатите прибрани податоци, итно ќе се достават до српското Обвинителство за организиран криминал- по нивната обработка.

До ова обвинителство е упатено и барање за правна соработка и доставување на информации околу запаленото возило кое беше откриено по убиството во Косовска Митровица.

Со ова информација денеска беа демантирани изјавите на министерот на полицијата Небојша Ивановиќ дека Србија со никого на Косово не разменува информации за убиството на Оливер Ивановиќ.

Исто така, денеска пред доставувањето на одговорот од Косовското министерство за правда, рускиот амбасадор во Белград, Александар Чепурин на средбата со Александар Вучиќ изјави дека Русија бара српските органи да учествуваат во истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ.

Денеска се огласи и косовскиот премиер Рамуш Харадинај кој изјави дека убиството на Ивановиќ нема да влијае врз дијалогот со Србија, бидејќи мотивите не се етнички, а Хашим Тачи како позитивна ја оцени посетата на Вучиќ на Косово.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ