Измени на правилата за азил во ЕУ

23.01.2018 16:16

Мигрантите ќе можат директно да бараат азил во членката на Европската унија кадешто имаат роднини, наместо во земјата во која влегле во Унијата. Ова се предвидува со измените на правилата за азил, коишто ако бидат усвоени од Европскиот парламент ќе предизвикаат нов прилив на мигранти во Германија. Светските лидери ќе се обидат да ги доближат ставовите кон миграцијата на Економскиот форум во Давос.

Измените во правилата за барање азил во Европската унија ќе предизвикаат нов прилив на мигранти во Германија. Доколку Европскиот парламент го усвои амандманот со кој барањата за азил нема да се процесуираат во земјата- членка на ЕУ во која влегле мигрантите, туку во земјата кадешто имаат роднини, во Германија ќе пристигнат зголемен број мигранти оваа година. Мигрантите од Блискиот Исток, Африка и Азија кои се наоѓаат во кампови за бегалци во земји што не се членки на ЕУ, како Србија, по секоја цена сакаат да заминат во Германија.

„Сакам да одам во Германија за моето семејство да има подобра иднина.“

„По заминувањето од Алепо работев како архитект во Абу Даби. Во 2014-та добив германска виза и седум месеци го учев јазикот, по што се надевам дека ќе добијам постојан престој во Германија“, велат мигранти од Сирија.

Шведска нуди по 3.000 евра на мигрант и околу 7.000 евра по семејство кое не добило азил за да замине од Шведска. Германската влада нуди по 1.000 евра на секој мигрант и 3.000 евра по семејство за да замине од Германија.

„Од летото 2015-та година кога пристигнуваа мигрантите, почнавме да им нудиме курсеви за германски јазик. До март 2016-та година, речиси 80 илјади мигранти главно од Сирија го изучувале германскиот јазик. Вдомувањето на мигрантите се уште останува предизвик“, изјави Андреас Гермершазен, комесар за интеграција и миграција на геманската влада.

Мигрантите ќе бидат високо на агендата на економскиот форум во Давос за надминување на разликите меѓу светските лидери по однос на миграцијата.

 

Ирина Гелевска