Светски економски форум

Светската елита на средба во Давос

23.01.2018 16:20

Светската елита во Давос. Почнува 48-миот глобален форум. Проблем на гостите им направи снегот, но организацијата е на завидно ниво. Во фокусот се крупните политички прашања, но економијата нема да биде заобиколена...

Во швајцарскиот зимски центар Давос почна Светскиот економски форум, кој на едно место традиционално ја собира светската елита: шефови на држави или влади, стотици највлијателни инвеститори, десетина милијардери, моќни финансиери, нобеловци, угледни професори. Во очи на почетокот папата Франциск и меѓународната агенција Оксфам предупредија на драматично продлабочување на јазот во распределбата на богатството и повикаа на поголема грижа за сиромашните.

Основачот на Светскиот економски форум Клаус Шваб изјави дека присуството на американскиот претседател Трамп, по пауза од 17 години од времето на Клинтон, е позитивно изненадување, а неговиот поглед, заедно со другите светски лидери, ќе понуди избалансирана глобална слика за оваа година. Најавени се индискиот премиер, германската канцеларка, британската премиерка, а по подолга пауза во Давос ќе биде присутен и македонски премиер.

„Имаме 3.000 учесници кои доаѓаат заедно во време на многу геополитички предизвициВо исто времегледаме дека се враќа растот на глобалната економијаВо Давос ќе дискутираме на сериозни темиимаме 70 шефови на држави и владиимаме водечки бизнис луѓе од светотно исто така и најистакнатите претставници од граѓанското општество“изјави Борг Бренде- претседател на Светскиот економски форум во Давос.

Мотото на годинашниот форум е „Создавање заедничка иднина во скршен свет“, а нема да бидат одминати ниту екологијата вклучително климатските промени, затоа што природата се уште игра многу важна улога во глобалниот свет. Аналитичарите на Светскиот економски форум веќе го објавија рангирањето според Индексот за инклузивен развој кој опфаќа 103 земји. Тој покажува дека економиите им даваат приоритет на политиките кои што поддржуваат краткорочен раст во однос на инклузивноста и одржливоста, и покрај загриженоста за социјалната нееднаквост. Рангирањето покажува кои од 103-те земји имаат најдобри комбинирани перформанси, што овозможуваат раст, еднаквост и одржливост. Меѓу растечките економии Македонија е рангирана на 25 позиција. Од регионот Хрватска е седма, Бугарија единаесетта, Турција е на 16-то место, додека Албанија е 28-ма, а Србија 43-та. Годинава предизвикот за јакнење на улогата на жените е високо во агендата на Светскиот економски форум.

„И јас сум исто така задоволна што сум во групата на истакнати, талентирани жени. Се надевам дека заедно можеме да покажеме, всушност веќе почнавме, дека дури и без тестостерон можеме да создадеме позитивна конструктивна енергија и да испорачаме решенија. Тоа е мојата цел. И она што го мислам за споделените можности, прво да ги поттикнеме жените да го претворат овој гнев што го видовме во акција и дека се треба заедно да правиме, мажите и жените“, изјави Кристин Лагард, извршен директор на ММФ.

За првпат во 48-годишната историја на Форумот, со годинашниот настан претседаваат целосно жени. Во тимот од седум копретседателки се и шефицата на ММФ, Кристин Лагард, норвешката премиерка Ерна Солберг и главната извршна директорка на ИБМ Џини Ромети.

 

Свето Николовски