Иднината на Европа во фокус на политичката и економска елита во Давос

24.01.2018 12:58

На Светскиот економски форум во Давос, политичката и економската елита разменуваат идеи за иднината на Европа. 48-то издание е под мотото „Создавање на заедничка иднина во поделен свет“ и опфаќа 400 средби. Форумот завршува на 26-ти јануари. И годинава, настанот е проследен со протести против глобализацијата и капитализмот...

Индискиот премиер Нарендра Моди и неговиот канадски колега Џастин Трудо застанаа во одбрана на слободната трговија. Моди во Давос побара заедничка акција за економска соработка и го искритикува американскиот претседател Доналд Трамп за воведувањето нови тарифи за увоз на одредени производи. Предупреди дека на цивилизацијата и се закануваат три работи.

„Запрен е натамошниот раст на синџирот на глобално снабдување. Решението за оваа загрижувачка состојба со глобализацијата не е изолацијата. Постојат три закани за цивилизацијата: глобалното затоплување, тероризмот, антиглобализацијата“, изајви Нарендра Моди, премиер на Индија.

Трудо ја поздрави најавата за нов азиско-пацифички трговски договор кој ќе го замени документот од којшто се повлече Трамп минатата година.

„Работиме напорно за да се осигураме дека нашиот јужен сосед ќе признае колку е добра спогодбата НАФТА, и дека беше корисна не само за нашата економија, туку и за нивната, и за светската. Отворени сме за нови трговски договори“, изјави Џастин Трудо, премиер на Канада.

Во агендата е вклучена и дискусија за најголемиот инфраструктурен проект во историјата „Новиот пат на свилата“, чија цел е да ја зголеми соработката меѓу четири континенти. Учесниците на форумот во Давос разменуваат идеи и за заштитата на жените, нееднаквоста, предизвиците во вработувањето. Актуелна тема е и односот меѓу лажните вести и реалната политика. Стартувана е и Иницијатива за вештини во информатичката индустрија, за да се надмине јазот меѓу стекнатите обуки и потребните квалификации за вработувањето во овој сектор. Во Женева ќе се отвори Глобален центар за кибернетичка безбедност.

На денот посветен на Европа, свое излагање имаат германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Медиумите предвидуваат „епски судир“ меѓу ставовите на дуото моќници од Европа и на американскиот претседател Доналд Трамп, најозборуваниот учесник на форумот, чиешто обраќање е предвидено за последниот ден од самитот.

Движењата против глобализацијата се веќе на улиците, револтирани од учеството на американскиот лидер, кој пристигнува утре во Давос.

 

Маја Филдишев