Трамп пристигна на форумот во Давос

25.01.2018 12:55

Американскиот претседател Трамп пристигна на Светскиот економски форум во Давос. Политичката и бизнис- елитата во неизвесност поради непредвидливиот лидер на САД. Повеќето претпотсавуваат дека утрешниот говор ќе го искористи да ја наметне кампањата „Америка на прво место“...

Американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот економски форум во Давос ќе се  сретне со британската премиерка Тереза Меј, и со претседателот на израелската влада Бенјамин Нетанјаху. Во фокусот на разговорите Иран, Блискиот Исток и Северна Кореја.

Светските лидери во политиката и економијата претпоставуваат дека најозборуваниот и најочекуваниот учесник на самитот веројатно уште еднаш ќе се пофали со успесите на САД.

Францускиот претседател Емануел Макрон е еден од оние кои отворено покажуваат интерес за бизнис- идеите и тактиките на Трамп што ќе бидат изнесени на последниот ден од форумот.

„Добро е што претседателот Трамп ќе ни ја објасни неговата стратегија, и што доаѓа со некаква намера за конфронтација и за дијалог, исто како мене. Мораме да соработуваме со САД за иднината на Сирија, за стабилизирањето на Блискиот Исток. Со нив, а и со Кина, мора да работиме на севернокорејското прашање, и борбата против тероризмот“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

Прифаќањето на понудата на учество на годинашниот самит ги изненади другите делегати бидејќи челникот на Белата куќа често го критикуваше собирот на богатите и моќните капиталисти. Во неколку швајцарски градови, противниците на глобализацијата одржаа протести против доаѓањето на Трамп на Светскиот економски форум.

 

Маја Филдишев