Германија: Разговори за формирање нова Влада

26.01.2018 13:02

Најголемите две партии во Германија почнаа официјални разговори за формирање на нова Влада. Лошите резултати од септемвриските парламентарни избори ги принудија конзервативците на канцеларката Меркел и социјалдемократите на Шулц да ги обединат силите против ултрадесничарите кои влегоа во Бундестагот и станаа третата политичка сила во земјата...

Четири месеци по парламентарните избори, конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел и социјалдемократите на Мартин Шулц почнаа официјални разговори за формирање на коалициска влада. Иако е направен чекор напред, процесот и натаму ќе биде сложен, пред сѐ, поради несогласувањата во редовите на СПД во однос на некои прашања. Доколку Меркел ја задржи функцијата канцелар, нејзиниот нов мандат ќе го стартува пред Велигден, односно 6 месеци по изборите, што ќе биде најдолгиот период без функционална влада во Германија.

„Работиме на нова динамика за Германија, не само за нов почеток на Европа, туку и за Германија. Народот очекува дека ќе напредуваме кон формирање влада. Оптимист сум за разговорите“, изјави Ангела Меркел, лидер на ЦДУ и канцелар на Германија.

„На блокот му треба силна проевропска Германија. Ова е можно само со учество на социјалдемократите во владата.  Разговорите ќе ги водиме со една цел, да изградиме поправедна и помодерна Германија, особено во образовниот сектор“, рече Мартин Шулц, лидер на Социјалдемократите.

Во 2013 година, разговорите за коалиција со актуелното парнерство со социјалдемократите траеше три недели. Повеќето сопартијци на Шулц сметаат дека уште еден четиригодишен мандат со конзерватиците ќе влијае врз индивидуалноста на левичарските движења. Два пати беа помал партнер на големите коалиции на Меркел, од 2005-та до 2009-та и од 2013-та година, па досега.

На септемвриските избори, конзервативците и социјалдемократите се соочија со најлошиот резултат од 1949-та година. За разлика од нив, ултрадесничарите од „Алтернатива за Германија“ си обезбедија место во Бундестагот и станаа трета политичка сила во земјата, а сега веќе и најголемата опозициска струја.

 

Маја Филдишев