ИТ секторот атрактивен за странските инвеститори

21.02.2014 16:45

Првиот човек на Агенцијата за странски инвестиции за Македонската телевизија открива дека и други компании од ИТ секторот се заинтересирани за македонскиот пазар...

Забрзаниот економски раст и вискообразовниот стручен кадар беа пресудни најголемиот британски производител на софтвер Ендава да инвестира во земјава. Со новите 450 вработувања и отворањето претставништва во другите градови низ државава ќе се раздвижи секторот за информатичка технологија (ИТ). 
 
Првиот човек на Агенцијата за странски инвестиции за Македонската телевизија открива дека и други компании од овој сектор се заинтересирани за македонскиот пазар. 
 
„Ние преговараме со уште две, три компании од ИТ секторот. Не верувам дека ќе бидат од олкав обем, но ќе го раздвижат ИТ секторот“, вели Висар Фида – директор на Агенцијата за странски инвестиции.
 
Британската Ендава, освен во Скопје, свои претставништва ќе отвори во Тетово, Битола и Штип. 
 
Фида вели дека овој сектор во наредните години ќе биде најпривлечен за странските инвеститори. На тој начин, на пазарот на трудот ќе се отворат голем број работни места за кадрите од информатичките науки. 
 
Британската Ендава, со седиште во Лондон, има свои канцеларии во Франкфурт, Њујорк, Атланта, Глазгов, Оксфорд, во Романија и во Молдавија. Во компанијата работат 1.500 луѓе. 
 
 
Викторија Тодоровска