Истражување

Земјоделците со „двојка“ ја оценија работата на Министерството

26.01.2018 16:59

Двојка- ваква оценка доби ресорното Министерство од земјоделците за периодот од 2013-та до 2016-та година. Се пожалиле на недоволно учество при креирањето на политиките. Надлежните велат, забелешките ќе се земат предвид...

Земјоделците му дадоа „двојка“ на ресорното Министерството за земјоделство. Анкетата на невладината „Рурална коалиција“ во која биле опфатени 400 земјоделци, како и десетина вработени во овој ресор, покажала дека во периодот 2013-2016 само 3% од анкетираните биле вклучени во работата на некое работно тело на министерството, иако дури 87% биле подготвени да соработуваат во креирање соодветни политики во аграрот.

Најмногу забелешки земјоделците имаат на неправилности при распределба на државно земјоделско земјиште, кое според нив го добиваат лица кои немаат врска со аграрот и тоа го прават само за да добијат субвенции.

Се жалат и на проблеми при кредитирање, затоа што банките не прифаќаат земјоделско земјиште како гаранција за кредит, но бараат и воведување гарантирани откупни цени за да се стави крај на сивата економија и работата на прекупувачите.

Државниот секретар во ресорот за земјоделство, Нефрус Челику најави дека заклучоците и забелешките од истражувањето ќе бидат земени предвид, но нагласи дека сега се сменети работите. Секојдневно се ажурира интернет страницата на министерството и редовно ќе бидат објавувани сите огласи за распределба на државно земјоделско земјиште.

Свето Николовски