Авганистан

ИСИС ја нападна воената академија во Кабул, најмалку 11 загинати

29.01.2018 13:26

Единаесет војници убиени во Кабул по нападот на Исламска држава. Главниот авганистански град се затресе од експлозии, има и повредени. Не помина ниту деноноќие од вчерашниот масакр во Кабул...

Исламска држава презеде одговорност за нападот врз воената база во авганистанската национална армија која ја штити воената академија „Маршал Фахим“, западно од престолнината Кабул, во кој учествувале петмина екстремисти. Во нападот биле убиени најмалку 11 војници, а шеснаесетмина биле повредени. Еден од напаѓачите го активирал експлозивот што го носел на себе, по што почнала престрелка со обезбедувањето.

„Бев дома и се подготвував за утринската молитва кога слушнав силни експлозии“- вели жител на Кабул.

Според Министерството за одбрана покрај првиот напаѓач кој се самоубил, во престрелките се убиени уште тројца, а еден е фатен жив.

„Непријателите беа припадници на Исламска држава, и сите беа неутрализирани. За среќа немаше жртви во нашите редови и операцијата сега е завршена“- изјави припадник на авганистанските безбедносни сили.

Полицијата ги блокирала патиштата што водат до академијата и воспоставила целосна контрола во таа зона. Запленети биле и еден елек со експлозив, автоматска пушка и муниција. Жителите на кабул на улица го искажаа својот гнев.

„Погледнете што ѝ се случува на оваа нација. Кога не можат да ја контролираат моменталната ситуација, министрите за безбедност нека си поднесат оставка. Каква влада е ова? Не може да го обезбеди ниту градот, а каде се провинциите?“- вели еден жител на Кабул.

Нападот се случува два дена откако талибански напаѓач со возило на брза помош полно со експлозив влета во центарот на Кабул, при тоа беа убиени 103 луѓе, а 235-мина беа ранети.

Марина Ристова