Рударската асоцијација бара широка расправа за Законот за минерални суровини

29.01.2018 15:19

Рударската асоцијација бара институционална јавна расправа за предлогот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини. Според здружението, неселективно се забранува користење на опасни материи, меѓу кои и на цијанидни соединенија. Со ова практично се затвораат домашните рудници, велат од Асоцијацијата...

Македонската асоцијација за рударство бара од Собранието и од Владата да организираат широка јавна расправа, со учество на научната јавност, на која би бил разгледан предлогот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини по скратена постапка, поднесен од 10- тина пратеници од различни партии, кој е веќе во собраниска процедура.

„Предложениот закон за минерални суровини содржи експлицитна забрана за експлоатација и преработка на минерални суровини со примена на цијаниди, сулфурна киселина и други опасни супстанци. Го предлагаме овој предлог за измени на законот за минерални суровини по скратена постапка, затоа што се работи за измени на се на се само 6 члена од овој закон“, изјави Лилјана Поповска, пратеник на ДОМ.

Според рударската асоцијација со него неселективно се забранува користењето опасни супстанци, меѓу кои и на цијанидни соединенија. И покрај тоа што рудниците имаат „А“ и „Б“ интегрирани еколошки дозволи, со ова практично би се затвориле домашните рудници, велат од нивната асоцијација.

„Со примената само на овие два члена ќе дојде до потполно затворање на рудниците во Македонија од една страна, меѓутоа бидеејќи рудниците не работат само за себе и не само рудниците користат опасни супстанци, условно кажано, тоа значи дека ние треба да ја затвориме целокупната индустрија во Македонија“, изјави Николајчо Николов, претседател на Македоснка асоцијација на рударството.

Практично се загрозува иднината на повеќе од 13.500 директно вработени во овој сектор, а државниот и локалните буџети ќе бидат покуси за сериозен износ на средства од придонеси, даноци и концесиски надоместок. Рудниците потсетуваат дека секој инвестотор има склучен договор за концесија со државата на период од 20 до 30 години. Во случај на неможност да работат, тоа би довело до затворање на сите рудници во земјата, а државата ќе се соочи со барања за обесштетување, тешки неколку милијарди евра.

„Во таков случај концесионерот ќе има право на надомест на штета. Според наша претходна проценка таква штета што ќе треба државата во одреден период да ја исплати на концесионерите би требало да изнесува меѓу 1 и 3 милијарди евра“, изјави Максим Прохоров, Македонска асоцијација на рударството.

Што се однесува до употребата на разблажените цијанидни соединенија во рударството, според Прохоров, тие според влијанието врз животната средина се ставени во истата група на опасни супстанци заедно со обичното моторно масло, што го користат и тракторите во земјоделството.

Модерните технолошки решенија овозможуваат користење на цијанидни соединенија во затворен производствен процес, без допир со животната средина, вели Николов, потсетувајќи дека за 40 години во рудниците немало ниту затруени, ниту пак заболени при користење на овие опасни соединенија.

Прохоров понуди пристапување на земјата кон Кодексот на ОН за управување со цијаниди, изработен со учество на Светската здравствена организација, кон кој пристапиле над 40 земји, затоа што македонските рудници без проблем би ги исполниле бараните услови од овој меѓународен акт.

 

Свето Николовски