Сочи

Мировна конференција за Сирија

30.01.2018 12:54

Почна конференцијата за иднината на Сирија. Се очекува во Сочи да бидат поставени темелите за мирна иднина на опустошената земја...

Во руското одморалиште Сочи почна мировната конференција за иднината на Сирија организирана од страна на Русија, Иран и Турција. Настанот ќе трае два дена, а главната расправа е закажана за утре. Рускиот претседател Путин рече дека главна цел на средбата е на преговарачка маса да седнат делегациите на разни политички партии, на внатрешна или надворешна опозиција, етнички и конфесионални групи. На разговорите учествуваат повеќе од 1.500 делегати од разни групи од сириското општество.

„Ќе разговараме за идната содржина на Уставот. Различните страни овде имаат различни мислења, и сите ќе мора да научиме како да постигнеме консензус. Сиријците долго време не почувствувале политичка слобода за да може да разговараат и да најдат решение преку компромис.“

„Овде во Сочи се обидуваме да почнеме внатрешно- сириски дијалог, кој ќе овозможи политичка поддршка на мировниот процес во Женева“- велат од сириската опозиција.

Целта на конференцијата е да се постават темели за мирна иднина на опустошената земја. Делегатите се очекува да почнат со работа на новиот устав и да дискутираат за помирување во сирија.

Во меѓувреме, експертите на Меѓународната организација за забрана на хемиското оружје информираа дека воениот отров Сарин со кој во 2013-та година беше извршен најголемиот хемиски напад во сириската граѓанска војна, дошол од резервите на армијата на Сирија. Сириската власти негираат дека го извршиле нападот врз Источна Гута, предградие на Дамаск, кој е под контрола на бунтовниците, каде беа убиени над 280 луѓе, а илјадници беа ранети.

САД, Велика Британија и други западни сили бараат од Обединетите нации да се реагира поради употребата на хемиско оружје од страна на Дамаск, обвинувајќи ги Сирија и Русија дека не ги исполниле во целост обврските што ги преземаа во 2013-та година.

Во последниот потврден случај на хемиски напад, на 4-ти април 2017-та година во градот Хан Шеикун, во областа Идлиб, беа убиени 74 лица, а над 500 беа ранети.

 

Марина Ристова