Мировна конференција за Сирија во Сочи, се одлучува за иднината на опустошената земја

30.01.2018 15:16

Русија, Иран и Турција во сочи одлучуваат за иднината на Сирија. На дводневна конференција силите ќе разгледуваат дали се создале услови за мир. Делегацијата од Алепо бара никој да не се меша во внатрешните работи на земјата.

Во руското одморалиште Сочи почна мировната конференција за иднината на Сирија организирана од Русија, Иран и Турција. Конференцијата ќе трае два дена, а главната расправа е закажана за утре. Рускиот претседател Путин рече дека главна цел на средбата е на преговарачка маса да седнат делегациите на разни политички партии, на внатрешна или надворешна опозиција, етнички и конфесионални групи. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лаворв на отворањето на собирот рече дека се создале околности за мир во Сирија.

„Со сигурност може да се констатира дека се формирани услови за да се сврти оваа трагична страница од сириската историја. Сега сите конструктивни сили од сириската заедница имаат клучна задача: да развијат заедничка визија која ќе им овозможи на граѓаните, без оглед на нивниот верски идентитет, етничката припадност или социјалниот статус да се чувствуваат безбедно и удобно во нивната матична држава“, рече Лавров.

Русија која е клучен сојузник на режимот на сирискиот претседател Асад, соопшти дека поканила околу 1.600 луѓе на собирот, но дека не одговориле сите. Официјални лица од турското министерство за надворешни работи изјавија дека делегациите на водечката сириска опозиција која од Анкара стигна во Сочи, нема да учествува во знак на протест поради знамињата на сирискиот режим кои ја дочекале на рускиот аеродром.

„За нашата земја, за Сирија, се собравме јасно да ви кажеме: тргнете ги рацете од Сирија“- изјави Мохамед Гасан Ал-Кала, претседавач на Сириска стопанска комора.

Според неименуван извор, Турција ќе ја претставува сириската опозиција во Сочи. 

„Престанете да се мешате во внатрешните прашања на Сирија и да долевате масло на огнот“- нагласи Ал- Кала.

Западот изрази скептичност дека руската иницијатива ќе вроди со плод и стравува дека би можела да ги загрози преговорите под закрила на ОН. Генералниот секретар Антонио Гутереш сепак го најави присуството на својот пратеник, Стефан Де Мистура, со надеж дека конференција во Сочи ќе придонесе за продолжување на преговорите.

 

Марина Ристова