Вашингтон

Трамп: Ова е нашиот нов американски момент

31.01.2018 12:39

Одново почнуваме да го живееме нашиот сон, порача Трамп во обраќањето до нацијата за состојбата во САД. Затворот Гвантанамо на Куба ќе остане отворен, ќе расчистиме со криминалните организации и нелегалните имигранти, рече шефот на Белата куќа...

„Ова е нашиот нов американски момент“, порача претседателот на САД, Доналд Трамп во својот прв говор за состојбата на американската нација. Ги повика Републиканците и Демократите да работат на постигнување компромис и ги истакна резултатите на неговата администрација во економијата.

„Никогаш немало подобар момент да почнеме да го живееме американскиот сон. Кои и да сте и од каде и да сте, ова е ваше време. Ако верувате во себе и во Америка можете да сонувате и да бидете што сакате, а заедно можеме да постигнеме апсолутно се“, нагласи претседателот Трамп во својот говор.

Трамп објави дека затворот во Гвантанамо ќе остане отворен, што е уште еден во низата потези на американскиот претседател кој е во спротивност со желбите и одлуките на неговиот претходник, Барак Обама. Најемотивниот дел од говорот следеше во моментот кога говореше за имиграциската политика и кога упати предупредувања до криминалните групи, трговците со дрога и насилните имигранти кои во САД живеат нелегално.

Русија и Кина ги окарактеризира како соперници на САД кои ги доведуваат во прашање американските интереси, економија и вредности. Режимот во Пјонгјанг го нарече изопачен. Се заложи за обнова на американскиот нуклеарен арсенал.

„Како дел од нашата одбрана, мора да го модернизираме нашиот нулеарен арсенал, со надеж дека никогаш нема да мора да го употребиме“- рече Трамп.

Во однос на надворешната политика, Трамп порача дека се обновува угледот и моќта на САД. Според него, во борбите на коалициските сили против Исламската држава, Ирак и Сирија се речиси целосно ослободени. Најави продолжување на ангажманот на САД во Авганистан, како и дека повеќе нема јавно да се најавуваат плановите или рокови за повлекување.

 

Марина Ристова