Мјанмар: Откриени пет масовни гробници со муслимански Рохинџи

01.02.2018 13:08

Откриени се пет масовни гробници со убиени муслимани Рохинџи во Мјанмар. Локални жители сведоци на масакрот ги обвинуваат припадниците на мајанмарската војска за егзекуцијата на Рохинџите...

Во Мјанмар се откриени пет досега непознати масовни гробници во кои биле закопани стотици масакрирани муслимани Рохинџи. Агенцијата Асошиетед Прес врз основа на изјави од сведоци на масакрите бо областа Аракан, објави сателитски снимки и видеозаписи од селото Дар Прин во кое се наоѓаат гробниците. Селото било запалено и уништено, а на снимките се гледаат најмалку 75 тела. Според очевидците, во гробниците се наоѓаат околу 400 тела.

„Некои беа фрлени во реки, некои беа запалени, некои ги полеваа со киселина. Мојата проценка е дека најмалку 400 луѓе беа убиени. Меѓу нив 10 до 20 беа бебиња“, изјави Мохамад Карим, бегалец од Мјанмар.  

„Имаше коски насекаде во дупките. Телата им беа изгорени со киселина“, изјави Мохамад Јонус, очевидец.

Еден од локалните жители кој го преживеал масакрот потврди дека мјанмарската војска влегла во селото и отворила оган врз цивилите.

„Оние што го преживеаја нападот, а беа повредени ги фрлаа во оган. Млади луѓе како мене успеаја да избегаат, но други, жени и деца кои не можеа да избегаат на време, беа или убиени или врзувани и запалени“, изјави Мохамад Лалмиа, преживеан.

Араканските муслимани Рохинџи со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а од 25 август се соочуваат со нов бран насилство од страна на мјанмарската војска и од будистичките милитанти.

Според податоците на организацијата „Лекари без граници“ оттогаш биле убиени 6.700 муслимани, а запалени над 350 села. Владата на Мјанмар демантира дека се извршени слични напади и призна дека постои само една масовна гробница со тела на десет лица за кои тврди дека се терористи.

Специјалната пратеничка на ОН за човекови права во Мјанмар, Јанги Ли, оцени дека насилните операции на војската на Мјанмар имаат обележје на геноцид. Повеќе од 690.000 Рохинџи избегале во соседен Бангладеш од август минатата година, бегајќи од етничкото чистење кое го осуди меѓународната заедница и ОН.

 

Марина Ристова