Лукаревска: Со ДДВ се постапува како и досега

01.02.2018 14:06

Годинава УЈП не очекува промена на бројот на физички лица кои се регистрирани за цели за ДДВ.

Владата не направи измени на Данокот на додадена вредност, се постапува како и досега – вели директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Годинава не очекува промена на бројот на физички лица кои се регистрирани за цели за ДДВ.

„Платите независно од висината, не се оданочуваат со ДДВ, исто така платите не се земаат во предвид при пресметување на вкупниот промет за цели на регистрација на ДДВ. Обврската гиопфаќа физичките лица кои самостојно вршат стопанска дејност, односно вршат испораки на добра и услуги, и тоа во континуитет, и притоа го надминуваат пропишаниот праг од еден милион денари на годишно ниво. Физички лица кои изнајмуваат станови не подлежат на обврската за ДДВ, исто така определени услуги кои се вршат спрема странски субјекти, на пример програмерски, не подлежат на обврската за ДДВ“, рече директорката на УЈП, Лукаревска.

По бурните реакции во јавноста за тоа што граѓаните кои имаат дополнителна заработка поголема од еден милион денари – стануват ДДВ обврзници, од Министерството за финансии велат дека ќе се направат нови анализи за да се види дали има потреба од измени на постојното законско решение.