ДПМ ги соопшти наградените автори за 2017-та година

01.02.2018 14:48

Друштвото на писателите на Македонија ги соопшти добитниците на петте награди за најуспешни книжевни дела во 2017-та година. Наградите ќе им бидат врачени на 13-ти февруари, на свеченост по повод 71 година од основањето на македонската писателска асоцијација...

Награда „Стале Попов“ за писателката Јагода Михајловска- Георгиева, која со навидум ненаметлив, но во исто време мошне леплив начин раскажува уникатна и во исто време универзална приказна, која според многу нешта е отпорна како на временски, така и на просторни ограничувања. Вака ја оценија наградената книга „Манастир Фунтерабија“ од Друштвото на писатели на Македонија.

Наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, ДПМ ја додели на поетот Васил Мукаетов за стихозбирката „Скокни прескокни“. Наградата за најдобра книга објавена на еден од јазиците на националностите за книгата поезија „Невидлива врата“ од поетесата Љерка Тот- Наумова, која подеднакво успешно твори и на македонски јазик, со што двојно го зацврстува и книжевниот и мостот меѓу двата јазика, истакнаа од ДПМ.

Наградата „Ацо Шопов“, Друштвото на писателите му ја додели на Ристо Василевски за поетската книга „Оди во кругот“. Наградата „Димитар Митрев“ за книгата „Дискурс и екскурс“ од авторката Ангелина Бановиќ- Марковска.

 

Александра Спировска