Грипот зема замав, регистриран нов случај на морбили

01.02.2018 15:31

Институтот за јавно здравје само неделава регистрирал 1.085 нови случаи на заболени од грип, најголем дел од нив во западниот дел од државава. Докторите очекуваат грипот најголем замав да земе кон средината на месецов. Дополнително, во земјава е регистриран трет случај на заразен од морбили, пет годишно момче кое е во роднинска врска со веќе заболените.

Со почетокот на учебната година порасна бројот на заболени од грип. За седум дена Институтот за јавно здравје регистрирал 1.085 нови случаи од вкупно 3.475. Најголем дел од новозаболените се од западниот дел на земјата, но грипот допрвин ќе зима замав. Пикот се очекува кон средината на месецот.

Доктор Караџовски со апел- децата заразени од грип да останат дома, училниците да се проветруваат, да се внесуваат витамини, а антибиотик да не се зема на своја рака.

Институтот за јавно здравје регистрирал нов, трет случај на заразен од морбили.  Петгодишно дете кое е во роднинска врска со претходно заболените.

Караџовски со апел до здравствените институции, да се придржуваат до календарот за вакцинација, за да се спречи ширењето на заразата.

Во Србија и Хрватска уште владее епидемија на морбили кадешто има повеќе од илјада заболени, некои и во тешка здравствена состојба. Во Македонија пак, сите заразени се хоспитализирани и досега не се регистрирани потешки случаи.

 

Викторија Милевска