Разговори за името

Нимиц на средби во Скопје: Оптимист и покрај разликите на двете страни

01.02.2018 15:59

Нимиц оптимист дека ќе се најде заемно прифатливо решение и покрај разликите кои ги воочил од двете страни. Посредникот на средби со државниот врв и со лидери на партии. Министерот Димитров со позиција- идентитетот не може да биде предмет на преговори...

Нема многу време и треба да се искористи позитивниот момент да се донесе решение, изјави посредникот во разговорите за разликата за името Метју Нимиц, по средбите со државниот врв во Скопје. Оцени дека има разлики во ставовите на двете страни, но е оптимист дека може да се најде заемно прифатливо решение.

„Верувам дека е дојдено време да се донесе одлука. Преговорите нема да станат полесни во иднина. Тоа значи мора да се соочиме со прашањата. Имаме две влади со компетентни дипломати и одлучни лидери. Тоа е од помош и треба брзо да се придвижиме напред кон решение. Мислам дека во следните меколку месеци ќе видиме дали ќе биде постигнат напредок или не“, рече посредникот на ОН, Метју Нимиц.

„Разговаравме детално и сериозно, му кажав дека таму има идеи кои не се така лоши, му кажав исто така дека таму има идеи ки не се така добри, и кои создаваат кај нас загриженост“, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Медијаторот повтори дека негова улога е посредништво за името и за употребата на името, а не за идентитетот. Шефот на македонската дипломатија дециден- нема разговори за промена на идентитетот.

„Не сум чул ништо од грчка страна што би значело порекнување на идентитетот на народот тука. Верувам дека решението, кое е можно, е конзистентно со зачувувањето, па дури и јакнењето на идентитетот“, изјави Нимиц.

„Ако дојдеме до таа точка за решние да треба да се допре иднетитетот, за жал нема да има решение. Но, ќе биде многу жално ако две европски држави во 2018-та година не се доволно големи тоа не го препознаат“, рече Димитров.

По средбите во Атина и во Скопје, Нимиц оцени дека процесот оди напред. Од македонската страна слушнал дека иако ова е чувствително прашање, можно е решение за името што ќе ги зачува достоинството и идентитетот на двете страни.

Медијаторот Нимиц прогнозираше дека наредните два месеца се клучни за да се види дали е можно да се постигне заемно прифатливо решение.

Решение може да се бара само во рамките на Обединетите нации и кое нема да задира во идентитетот и достоинството на македонскиот народ и ќе биде во согласност со меѓународното право и преземените обврски, потенцирал претседателот Иванов на средбата со посредникот Нимиц.

Премиерот Заев и медијаторот Нимиц на средбата во Владата се согласиле дека треба да продолжи атмосферата на добра волја и дијалог, на која повикуваат нато и ЕУ, како начин да се постигне прифатливо решение почитувајќи го идентитетот и дигнитетот на двата народи.

Нимиц се сретна и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

 

Ирина Гелевска