Македонија- Грција

Оптимизам за надминување на разликата за името

02.02.2018 12:17

Оптимизам кај премиерот Заев и министерот за надворешни Коѕијас. Јуни е месецот на можната разрешница на разликата за името. Премиерот и натаму го застапува граѓанското изјаснување за поддршка на евентуалното решение. На 4-ти во Атина протест против употребата на термиот Македонија во нашето уставно име...

Властите во Македонија и во Грција оптимисти дека до средината од годинава ќе се изнајде заедничко прифатливо решение за разликата околу името. Позитивни оценки по засилената меѓусебна комуникација и средбите со посредникот Метју Нимиц искажаа македонскиот премиер Заев, но и грчкиот шеф на дипломатијата Коѕијас. Заев за бугарската ТВ Нова е оптимист дека по изнаоѓање на решение, во јуни на самитот на НАТО ќе биде активирана поканата за членство на Македонија во алијансата.

„Се надевам дека ќе се дојдеме до решенија кои се доволно прифатливи и за двете страни заради тоа што на крајот решението мора да го сочува достоинството и идентитетот на двете земји. Само така се градат пријателства и тоа мора да биде на една трајна и одржлива основа“, вели премиерот Заев.

Македонскиот премиер не го одбегнува референдумот. Вели дека граѓаните треба да го одобрат ново решение.

„Референдумот треба да биде дополнителна гаранција и за нашите пријатели од Република Грција бидејќи со тоа дефинитивно ќе се тргнат сите сомнежи, а народот ќе стои зад решението кое ќе биде прифатено“, нагласува премиерот Заев.

И додека грчката страна подготвува нацрт спогодба од четири точки, министерот за надворешни работи Коѕијас за Ројтерс убедува: „Сакаме да го решиме спорот. Тоа е во наш национален интерес и во интерес на регионот, за стабилност, безбедност и економски раст“.

Сепак шефот на грчката дипломатија директно го коментира и моментот ако не се најде решение. На меѓународно ниво, ќе останеме со рамно „Македонија“, така што нема да бидеме во корист, а во нашите билатерални односи ќе остане „Поранешна југословенска Република Македонија“, вели Коѕијас и додава- „само се лажеме со лингвистичка акробација, затоа што граматички, името ќе го вклучува терминот Македонија, но со хронолошка дефиниција“.

Во следниот период се очекува е нова средба на министрите Димитров и Коѕијас на која грчката страна ќе ја понуди нацрт- спогодбата.

 

Миле Ристески