Евроинтеграции

Македонија очекува датум за преговори во јуни

05.02.2018 14:11

Македонија очекува во Стратегијата за проширување што Европската комисија ќе ја објави утре да добие јасна европска перспектива, но и можност заедно со Србија и со Црна Гора во 2025-та година да стане дел од Унијата, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по работниот појадок со амбасадорите од земјите на Западниот Балкан...

Македонија очекува да добие датум за преговори со Европската унија во јуни и членство до 2025-та, оцени вицепремиерот Османи најавувајќи ја стратегијата за проширување со земјите од Западниот Балкан што Европската комисија ќе ја објави утре во Стразбур. За нас е позитивно што ќе добиеме временска рамка за приклучување кон Унијата, оценува Османи.

„Очекуваме во стратегијата јасно да се утврдат два моменти за Република Македонија. Првото е Македонија и Албанија да почнат преговори оваа година. Меѓутоа исто така очекуваме да се даде можност по започнувањето на преговорите и Македонија да може да ја достигне целта 2025, доколку се разбира го заслужува тоа“, нагласи вицепремиерот Османи.

По евентуалното почнување на преговорите, Македонија брзо ќе може да отвори поглавја бидејќи нашето законодавство веќе во голема мера е прилагодено со европското, истакнува вицепремиерот.

„За нас е важно да го започнеме процесот. Македонија има доста постигнато во тој процес и досега. Ние во овие 17 години од кога е потпишана спогодбата работиме на хармонизација на легализацијата и сметаме ако започнеме преговори многу брзо ќе отвориме и затвориме поглавја бидејќи ние и пред да започнеме преговори имаме работено на тој процес и постигнато резултати“, вели Османи.

Коментирајќи ја претстојната посета на претседателот на ЕК на Македонија кон крајот на месецот, во Брисел велат дека регионот од голема важност за стабилноста.

„Ова е дел од серија посети кои Јункер ги има планирано и исто така најавено веќе подолго време. Ја познава областа добро, поради поранешната функција, како премиер на Луксембург, и смета дека овој регион е од голема важност за стабилноста на Европа. Затоа и ќе го посети, за деталите не можам сега да зборувам но набрзо ќе ги објавиме. Ќе има и самит и во Софија, знаете, и утре ќе ја објавиме Стратегијата за Западен Балкан. Сево ова треба да се разбере како дел од ист пакет“, рече Александар Винтерштајн, портпарол на Европската комисија.

Вицепремиерот Османи не сакаше да ги коментира протестите во Грција зашто Владата е посветена на воспоставување на добри меѓусоседски односи со сите соседи и на остранување на пречката со Грција. Вицепремиерот очекува утре во платформата на Комисијата да се потврди европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

Ирина Гелевска