Германија: Отворени прашања за новата владина коалиција

05.02.2018 14:21

Неделниот состанок за нова владина коалиција на Германија заврши со отворени прашања. Преговорите на демохристијаните и социјалдемократите продолжуваат и во наредните денови. И покрај несогласувањата, претставниците од двете страни изразија оптимизам за сложениот процес...

Конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел и социјалдемократите на Мартин Шулц го пречекорија зададениот краен рок за преговорите кои треба да резултираат со формирање нова влада. Причина за дополнителните средби по неделниот состанок се несогласувањата за две клучни прашања: договорите за вработување и реформите во здравството. Социјалдемократите сакаат да исчезне поделбата по основ на приватното и државното лекување и да се прошират работничките права за да им се овозможи на вработените да бираат меѓу полно и скратено работно време, доколку се грижат за дете или за роднина. Партијата на Меркел, пак, смета дека оваа мерка би била многу скапа.

„Остануваат важни точки кои мора да бидат разјаснети, па моето учество е со добра волја, но и со очекување дека ќе се соочиме со тешки преговори. Задачата ни е позната и сакаме да ја оствариме“, изјави канцеларката Ангела Меркел.

„Сакаме да и дадеме стабилна влада на Германија. За договор е потребно време. На крајот, не станува збор за зголемување на притисокот, особено не во завршната фаза“, рече лидерот на СДП, Мартин Шулц.

Согласност беше постигната за зголемување на инвестициите за изградба на социјални и приватни станови, за дополнителен паричен надомест за семејствата со деца, и за проширување на покриеноста со интернет во Германија.

Доколку успешно завршат преговорите, зелено светло за влез во коалицијата со конзервативците ќе мора да даде и социјалдемократската база, што е неизвесно со оглед на тоа дека голем дел од партијата се преотиви на идејата за „Голема коалиција“.

 

Маја Филдишев