По поплавите во Демирхисарско се санираат локалните патишта и свлечишта

05.02.2018 14:52

Животот во демихисарскиот регион полека се нормализира по вчерашните поплави. Санирани се оштетените локални патишта, а механизацијата работи на расчистување на старите и новонастанатите свлечишта. Засега сѐ уште поголеми количини на вода има на земјоделските површини. Од битолскиот дел на Пелагонија ги демантираат гласините по некои портали дека и на овој дел имало поплави...

Во Демихисарскиот регион полека се надминуват проблемите од вчерашната поплава предизвикана од прелевањето на Црна Река на некои места. Александра Кузевска од локалната Дирекција за заштита и спасување во телефонската изјава за МТВ рече дека оштетените локални патишта се веќе санирани, а механизацијата на ЈП Комуналец интензивно работи на расчистување на актуелните, но и новонастанатите свлечишта. Нема отсечени населби или села и досега нема пријава на граѓаните за полавени станбени објекти. Пообилна количина на вода има на земјоделските површини.

И овој пат причините исти. Неисчистената густа вегетација на потегот од селта Доленци до Бучин придонесе на неколку критични места да претече коритото на Црна Река.

Доколку се остварат најавите за нови врнежи од дожд кон средината на неделата, не се исклучуваат нови предизвици. Инаку од битолскиот дел на Пелагонија ги демантираат гласините дека и тука имало поплава. Надлежните велат дека сработените заштитни мерки даваат сигурност.

„Досега 30-ина километри од критичните места на коритото се темелно исчистени, а штом запролети имаме план да продолжиме да чистиме уште 15 колиметри на потегот кон селата Брод и Скочивир“, изјави Љубе Кузмановски, градоначалник на општина Новаци.

Нивото на водостојот кај Новаци е во опаѓање. Изнесува 240 сантиметри или два метри под максималното ниво. Врнежите во Битолско единствено предизвикаа проблем во активирањето на свлечиштето на магистралниот пат Прилеп- Ресен. Овој дел е затворен за сообраќај, а сите видови возилата се пренасочуваат низ Битола.

Стевче Митревски