Крах на берзите

По драматичниот пад на Волстрит, рекордни загуби и на светските берзи

06.02.2018 13:11

Драматичен пад на курсот на Волстрит, рекордни загуби на берзата во Токио, мрачни изгледи и за германскиот ДАКС. Берзите низ светот доживуваат тешки моменти. Берзанскиот индекс во Хонгконг забележа минус од 4,9, додека во Шангај повеќе од три проценти. Минусот на Волстрит во еден момент достигна цели 1.600 поени. На финансиските пазари кружи стравот дека времињата на евтини пари завршија. Се шпекулира дека каматните стапки, особено во САД, ќе растат многу побрзо од очекуваното...

Шокот од најголемиот крах на Вол стрит во последниве шест и пол години, кога индексот „Дау Џонс“ потона за повеќе од четири насто предизвика страв од верижна реакција на сите други пазари на капитал. Особено затоа што Дау џонс во еден момент имаше најголем пад од речиси 1.600 поени што е историски најмногу. Не минаа добро ниту другите индекси. „Стандард и Пурс“ загуби 4,1%, „Насдак“ 3,78%, додека „Дау Џонс“ заврши со минус од 4,6%. Ваков пад е најголем од август 2011-та, кога пазарите беа под притисок од должничката криза во еврозоната и намалениот кредитен рејтинг на САД.

„Што се случи денеска кога пазарот беше намален можеби 700 или 800 поени. Многу од овие алгоритми удрија во продажба и имаше огромен промет. Пазарот падна можеби илјада поени за само неколку минути. Значи еден од основните негативци денеска, можеби беше програма за тргување“, вели Џејмс Мек Брајд, извршен директор на „Мек Брајд груп“.

Реакцијата на другите берзи денеска беше секавична. Тајванската експресно падна за 4,5% веднаш по отворањето, индексот во Хонг Конг забележа минус 4,4, додека шангајскиот индекс загуби 2,2%. Германскиот водечки индекс ДАКС загуби во почетокот на денешното тргување 2,83% со што не се оствари стравувањето на некои набљудувачи дека падот ќе се симне под границата од 1.200 поени.

Американските аналитичари сметаат дека пазарот на акции отишол предалеку и премногу брзо и дека е време да се притисне копчето за ресетирање. Очекуваат ново,  пониско ниво на нормална нестабилност. На инвеститорите им препорачуваат да купуваат, за да ги искористат ниските цени на пазарот.

„Мојот совет е длабоко да здивнете и да не направите грешка преземајќи нешто, бидејќи ќе биде погрешно тоа. Јас секогаш ги замолувам луѓето да се присетат или да погледнат на интернет што е индустриски просек на Дау Џонс на денот кога вие сте родени, а тој број ќе биде многу помал отколку што е сега. Паметно нешто што треба да направите е она што повеќето луѓе и го прават, а тоа е да инвестираат на пазарот, затоа што навистина акциите паѓаат и сега е можност за вас да купите повеќе акции од она што го поседувате, по пониска цена“, вели Мек Брајд.

Анализите говорат дека растот на платите создаде перцепција на пазарот дека Федералните резерви набрзо ќе ги кренат каматните стапки превисоко и затоа трговците, следејќи ги компјутерските програми побрзаа да ги продаваат акциите што доведе до рекорден пад на Дау Џонс индексот.

 

Свето Николовски