Битола

Убавината на планината низ делата на Томе Лисичанец

06.02.2018 13:34

Љубовта кон планината ја одредува животната професија на Томе Лисичанец, пасија од која не може да се ослободи 70 години. Нема планина на Балканот на која не стапнал и не се вратил со купче фотографии. Мал дел од колекцијата беа презентирани на негова трета самостојна изложба, под мотото „Шетајте по планините за да не ги посетувате аптеките“...

Љубовта кон Пелистер беше мотивот да постанам шумарски инженер, но и и да ја започнам пасијата од која не можам да се ослободам 70 години, вели професорот во пензија 83- годишниот Томе Лисичанец. Пресудни беа моите контакти со тогашните битолски планинари кои оставија значајна трага во македонското планинарство. Со дел од нив уште на единаесет годишна возраст за прв пат ги почувствував планинските височини.

„Од тогаш непрекинато се занимавам со хобито планинарство. Моја специјалност беа трансверзалите, оние официјалните, но и многу пати јас самиот си измислував мои трансвезали, затоа што за мене планинарството не е само освојување на некој врв“, вели планинарот- фотограф Томе Лисичанец.

Се искачил на сите позначајни балкански планини. Она што го прави посебен е тоа што скака постојана да патува низ природата, но и да ги овековечува убавините на планината. Дела кои позитивна критика добија и од неговите колеги со иста мисија.

„Сликам сѐ она што е убаво и необично во природата, односно она што природата го создала во сите оние борби за живот и опстанок. Таа разновидност што се должи на климатските разлики“, додава Лисичанец.

„Претставени се многу раритети и интересни постановки и сето она што е привлечно на планините за кое ние постојано ги посетуваме“, вели неговиот колега со иста мисија Петар Ставрев.

Со фотографиите сакав секогаш да ги споделам импресиите со останатите. Тоа е беше најдобриот начин да го пропагирам придобивките од планинарството, вели Лисичанец, и не случајна е девизата на неговата трета самостојна изложба е „Шетајте по планините за чето да не ги посетувате аптеките“.

Стевче Митревски