Загрижувачки податоци

Годишно од рак умираат речиси 3.900 лица

06.02.2018 14:22

Малигните заболувања се на второто место како причина за смртност во светски развиените земји, веднаш по кардиоваскуларните болести. Во Македонија, малигните неоплазми се втора најчеста причина за смрт. Во 2016-та од оваа тешка болест починале над 3.800 лица...

Годишно од рак умираат речиси 3.900 граѓани во земјава. Мажите почесто заболуваат од канцер на белите дробови, додека жените од рак на дојка. Загрижувачки се податоците на Институтот за јавно здравје.

„Многу е важно да се истакне дека сѐ почесто има случаи на заболени од 25 до 34 години, а зголемен е бројот и на заболени од 15 до 24 години. На прво место е Пелагонискиот регион, а со пониска стапка е Полошкиот регион. На ова влијаат неколку фактори- старост на населението, аерозагадувањето, животниот стил итн“, вели д-р Војса Речица, Центар за статистичка обработка на здравствени податоци.  

Лекарите апелираат луѓето редовно да одат на превентивни прегледи, бидејќи раното откривање на малигните заболувања ги зголемува шансите за целосно излекување. 

„Целта на сите нас е што помалку луѓе да развијат рак, повеќе луѓе успешно да бидат третирани и да се обезбеди подобар квалитет на живот на луѓето во текот на третманот и подоцна во текот на животот“, изјави д-р Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје.

И годинава со скрининг програмите се обезбедини бесплатни тестови.

„Жените од 24 до 35 години да направат бесплатен ПАП тест според скриниг програмата, граѓаните од 50 до 70 години да направат преглед со примена на ФОБ тест, мажите од 50 до 55 години да направат превентивен преглед со ПСА тест“, изјави д-р Елена Ќосевска, Сектор за промоција и следења на незаразни болести.

Малигните заболувања се втора причина за смртност и во развиените земји во светот,  веднаш по кардиоваскуларните. Секоја година кај повеќе од 14 милиони луѓе се дијагностицира рак. До 2030-та година се очекува бројката да се искачи на повеќе од 21 милион. 

 

Андријана Атанасовска