Поднесена иницијатива за оценка на уставноста на Законот за амнестија

06.02.2018 16:02

Адвокатот Сашко Дуковски поднесе иницијатива за оценка на уставнотста на Законот за амнестија. Смета дека решението е спротивно на начелото за еднаквост на граѓаните и дискриминира. Кривичниот суд соопшти дека досега примил повеќе од 2.500 барања од осуденици. Решени се две третини од нив...

Адвокатот Сашко Дукоски поднесе иницијатива до Уставниот суд. Бара да се преиспита членот три од Законот за амнестија. Оценува дека осудениците се дискриминираат и не добиле еднакво право според највисокиот правен акт и законите.

Законот предвидува дека амнестијата не ги опфаќа осудените за убиство, силување и педофилија, за кривични дела против изборите и гласањето, за посредување во вршење проституција, за дела против државата, човечноста и меѓународното право, како и за злосторничко здружување.

Пред да се донесе Законот, проценката на Владата беше дека 670 осуденици целосно ќе бидат ослободени од издржување на казната, додека на повеќе од 3.000 ќе им биде намалена за 30 насто.

Во меѓувреме, Кривичниот суд соопшти дека се пристигнати над 2.500 барања за амнестија. Ова не значи дека толкава е и бројот на осуденици, бидејќи еден човек може да поднесе и повеќе барања. За да се одлучи по барањата, велат од Судот, бил извршен увид во архивата на околу 10.000 предмети.

Од Кривичниот суд велат дека две третини од барањата се решени и испратени до затворите низ земјава кои понатаму имаат обврска да постапуваат по нив.

 

Анита Димитријевска